Синдикатот на одбраната ќе протестира поради неисполнување на барањата

Синдикатот на одбраната и безбедноста денеска најави дека во сабота ќе протестира поради неисполнување на нивните барања за зголемување на платите за 20 проценти и изедначување на висината на дневницата со припадниците на полицијата.

Во соопштението испратено од Синдикатот се наведува дека протестот ќе се одржи пред Министерството за одбрана и пред Владата на Република Македонија, а доколку не се исполнат нивните барања ќе штрајкуваат во институциите што ги опфаќа Синдикатот на одбрана и безбедност.

Синдикатот посочува дека подолг временски период преговарал со надлежните во Министерството за одбрана за подобрување на стандардот на вработените, но оти до решение не е дојдено.

– Како разумен социјален партнер оставивме доволно време (до 13.05.2016 год.) да седнеме на преговарачка маса и да најдеме начин за исполнување на горенаведените барања, се вели во соопштението и се додава дека до петокот не се остварени преговори со надлежните поради што е донесена одлуката за протест.