Синдикатот во образованието протестира, Наставничкиот пленум бојкотира

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) чија членка е Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) во средата излеза на масовните протести но Иницијативата за формирање синдикат на Наставничкиот пленум, чиишто членови инаку беа многу актовни на антивладините протести изминатите години, го обвинува СОНК дека нема легитимитет да ги застапуат интересите на вработените во образованието, од каде што возвратија со истото тврдење.

СОНК бара социјален дијалог, зголемување на платите, исплата на К-15 и во јавниот сектор, целосно почитување на колективните договори и учество на репрезентативните синдикати при креирање на Буџетот, кога станува збор за платите во јавниот сектор.

Од Иницијативата за формирање синдикат на Наставничкиот пленум велат дека барањата на СОНК се легитимни, но оти раководството на Синдикатот нема легитимитет да ги застапува наставниците зашто досега ја изиграло нивната доверба. Во соопштението до јавноста. Иницијативата вели дека раководството на СОНК ги направило наставниците „инструмент во рацете на политичката партија која им се раздолжуваше сместувајќи ги во разни управни и надзорни одбори“.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, посочи дека не се точни тврдењата дека синдикатот десет години молчел и потсетува на сите претходни штрајкови и барања со кои е издејствувано покачување на платите. Посочио дека има „малубројна група незадоволници“ коишто „само критикуваат и ништо не работат“ и оцени дека соопштението на Наставнички пленум е клеветничко.

„Пред судските органи ќе треба да докажат кој тоа од СОНК ги манипулирал членовите на сметка на тоа што бил назначен во управни и надзорни одбори и кој тоа од раководството на СОНК и на каков начин земал пари од тогашната владејачка партија“, рече Неделков.

Илчо Ацевски од Иницијативата за синдикат на Наставничкиот пленум, пак, вели дека од 2015 година, кога СОНК го прекинал штрајкот без консултација со членовите, веќе немаат доверба во нив.

„Мислиме дека раководството на СОНК се поврза со претходната владејачка гарнитура, а сега и се додворува на новата владејачка гарнитура, по промената на власта, но никако нема застанато во одбрана на правата на работниците во образованието“, рече Ацевски.

Раководството на СОНК, пак, вели дека ако нивните барања не бидат исполнети и по денешниот предупредувачки протест, ќе следуваат и порадикални чекори, меѓу кои е можен и штрајк.