Синдикатот за култура најави протест пред министерството

Синдикатот на културата на Република Македонија, утре ќе организира протест Министерство за култура, под мотото „Сфати ја разликата“. На протестот кој ќе почне во 14.30 часот ќе се побара целосно повлекување на измените на Законот за култура донесени минатата година.

„Со измените практично е погазено нашето достоинство како творци, двигатели и негувачи на креативниот дух во културата, а воедно е суспендирано и правото на колективно преговарање. Не се согласуваме нашиот труд и квалитет да биде оценуван од странци во комисии за избор и реизбор, не се согласуваме да бидеме вреднувани според „учинок“, не се согласуваме нашите плати да бидат однапред законски дефинирани со што се оневозможува елементарното право тие да бидат предмет на колективно договарање. Протестираме заради игнорантскиот однос на Министерството за култура кон испратеното писмо од нашиот синдикат, како апсолутен релевантен фактор кој обединува 17 синдикални организации на вработените од различни установи. Овие 17 институции ја сочинуваат сржта на сѐ она што претставува култура во Република Македонија. Нема да дозволиме вработените во културата да бидат заложници на политичките елити, креаторите на законите и нивните бирократски механизми. Нема да дозволиме правото на синдикално организирање да биде суспендирано и заменето со ригидни закони кои не се преговараат, туку се извршуваат. Ги повикуваме сите уметници, сите вработени во културата и сите поддржувачи на културата да ни се придружат заеднички да го изразиме својот револт и да го одбраниме правото на креативност и творештво“, порача Синдикатот на културата.