„Синиот јазик“ ги затвори сите сточни пазари во земјава

Болеста син јазик кај добитокот ги затвори речиси сите сточни пазари во земјава, потврдува Агенцијата за храна и ветеринарство.

Заклучно со вчерашниот ден регистрирани се вкупно 79 жаришта во 18 општини во 61 населено место. Во овие жаришта има 261 говедо, 13.467 овци и 1.151 коза, од кои клиничка слика е утврдена кај 3 говеда, 23 кози и 832 овци. Исто така регистрано е угинување на 118 овци што претставува смртност од 0,88 отсто. Од АХВ велат дека со лабораториски тестирања присуство на вирусот „син јазик“ и антитела е утврдено кај 20 говеда,192 овци и 17 кози, а затворањето на добиточните пазари е една од мерките за справување со оваа болест кај добитокот, објави Фактор.

– Добиточните пазари ќе бидат затворени се до оној момент кога ќе утврдиме дека преносителот се смирува оти така се шири болеста, а животниот циклус на преносителот односно мушичките е до октомври, до тогаш ќе опаѓа нивниот развој и во оној момент кога ќе нема нови случаи на заболени, ќе се повлечат и мерките. Кај некои одгледувалишта е регистрирана поголема смртност на животни а кај некои помала – велат од Агенцијата.

Ветеринарни доктори препорачале поголема нега на животните, појака исхрана или инфузија на заболените животни, но сепак сточарите не ги примениле препораките и затоа кај нив има поголема смртност на добитокот.

Од Агенцијата забраниле движење на добитокот, се следи секое болно стадо преку инспекторите и ветеринарните станици, од каде секојдневно стигаат информации за состојбата. Се работи за вирусна болест која ја има кај живтоните посебно кај говедата кои може да покажаат дека немаат клиничка слика, а сепак се заболени.

– Вирусот не се пренесува од животно на животно, од човек на човек, ниту преку производите како млеко, месо тие се безбедни. Исклучливо мора да има преносител, во случајов тоа се мушичките, кои кога е многу топло и влажно како што е годинава имаат идеална подлога за размножување. Бидејќи е вирусна болест нема лек со кој може да се бориме со болеста, туку се превзема поголема нега, појака исхрана, инфузија за животните за да може да ја прележат болеста и да создадат антитела. Болеста трае 8 до 10 дена, велат за фактор од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Оваа болест ја немаше кај нас подолго време, во моментов ја има во Бугарија и Грција, и сега и кај нас ја имаме Струмичкиот и Беровскиот регион. Министерството за земјоделство на Белорусија воведе привремена забрана за увоз на добиток од Македонија поради појавата на болеста “син јазик”.

Како да препознаете “син јазик”?

За животните главни клинични знаци, се зголемена температура, потење, намалување на производство и може да дојде до абортуси и до смртност. Како резултат на тоа доаѓа до отекување на главата, лигавење, намалување на апетитот и зголемена температура кај инфицираните животни.Тоа е вирусна болест која се пренесува од еден комарец или мушичка, не се пренесува од животно на животно ниту од животно на човек и не е опасна за луѓето. Оваа болест кај животните предизвикува намалување на млечноста и волната. Најголеми штети ќе претрпат сточарите, кои ќе се соочат со намалено производство или угинување на животните. Доколку имаше навреме третирање со одредени прашоци и прскање против комарци немаше да се појави болеста.

Последен пат во земјава оваа болест беше регистрирана во 2009 година. Смртноста од вирусот син јазик во светски рамки се движи од 3 до 4 отсто. Во моментов во Бугарија смртноста на заболениот добиток е 10 отсто, а во Грција околу 3,4 отсто.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.