Синот на Кељменди непожелен во Црна Гора

Граничната полиција на Црна Гора не дозволи влез во земјата за Бесник Кељменди, син на обвинетиот нарко-дилер Насер Кељменди.Тој синоќа се обидел да влезе од Косово во Црна Гора, но граничната полиција тоа не го дозволила, пишува весникот „Вијести“.

Шефот на рожајската гранична полиција Авдија Калач рече дека Кељменди не ги исполнува условите за влез во државата, не прецизирајќи за кои услови се работи, ниту од кога е во сила таа одлука.

Бесник Кељменди тврди дека до пред два дена непречено престојувал во Улцин, каде го води семејниот хотел и оти завчера попладне заминал деловно во Косово, по што без образложение не му е дозволено да се врати.

Тој се сомнева дека причината за забранет влез во Црна Гора би можел да биде неговиот татко Насер Кељменди, против кого, како што вели, во Црна Гора нема ништо.