Синот разочаран, таткото задоволен од организацијата

Фудбалската федерација на Македонија со официјално соопштение комплетно ги отфрли обвинувањата кои беа упатени од сениорскиот и малдински репрезентативец на Македонија, Давид Бабунски, за несоодветна организација на патувањето во Португалија.

Официјалното соопштение на ФФМ е пренесено во целост:

“Фудбалската федерација на Македонија со индигнација ги отфрла шпекулациите за несоодветна организација на патувањето на Македонската репрезентација до 21 година за натпреварот во Португалија против домашната репрезентација од квалификациите за Европското првенство 2015 година.

Нашата млада репрезентација пристигна во Португалија два дена пред натпреварот, беа сместени во хотел со 4 ѕвезди, на оддалеченост од само 29 километри од стадионот на кој го одигравме натпреварот (временски, патувањето е 30 минути) и имаа време за два подготвителни тренинга. За да имаат повеќе време да се подготват, ФФМ го помести и колото од првата фудбалска лига се со цел нашите репрезентативци да имаат повеќе време за подготовка. На селекторот Бобан Бабунски и на неговиот тим им беа понудени единствените две опции за патување во Португалија во тој период, од кои ја избраа најдобрата.

Самиот селектор на младата репрезентација пред неколку дена изјави дека условите за работа на селекцијата се одлични и третманот кои репрезентацијата до 21 година го добива е еднаков на третманот на А селекцијата на Македонија.

Фудбалската федерација на Македонија постојано нагласува дека теренот е местото каде што секој спортист, а посебно млад фудбалер на почетокот на својата кариера треба да го гради својот карактер, позитивен спортски дух и да ги развива своите потенцијали.

Крајно неодговорно е за секој индивидуален неуспех да се бара виновникот и тоа секогаш да биде ФФМ – Фудбалската федерација на Макеоднија. Секој фудбалер своето дело и храброст треба да го покаже на терен, а не да бара оправдувања за себе. Поразите се дел фудбалската игра, тие треба да се поука и искуство, поттик повеќе за во иднина, да се исправат грешките, да се работи напорно и да се гледа позитивно.

Станува збор за прозивка која го нарушува имиџот на Фудбалската федерација на Македонија, која изминативе две години ја потврди својата посветеност за вистинските фудбалски вредности. Ако во минатото зборовите беа дела, денеска, делата ги потврдуваат зборовите на раководството на ФФМ”.

Тврдењата на Давид Бабунски ги демантира и неговиот татко Бобан Бабунски.

„Изненадени сме од одредени коментари кои ги забележавме на социјалните медиуми. Сметаме дека организацијата беше на највисоко ниво. Како никогаш досега нашата селекција немала третман како сегашниот. Фудбалската федерација ги исполни сите барања предвидени во нашата програма за натпреварот. Како стручен штаб единствено забележуваме на пропусти од Фудбалската федерација на Португалија во однос на тренинзите и терените. Игравме со навистина силна репрезентација која во моментов е подобра од нас, загубивме и вината за поразот не смееме да ја бараме на друго место. Се надеваме дека на следните натпревари ќе ја вратиме самодовербата и ќе имаме позитивни резултати. Имаме потенцијал и токму затоа ќе останеме сложни“, изјави селекторот на младата репрезентација на Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.