Синовец и Мијатовиќ остануваат во МЗТ Скопје, Цветковиќ си заминува

Стефан Синовец постигнал согласност за потпишување на нов договор со актуелниот првак на Македонија, МЗТ Скопје.

Овој кошаркар дојде во МЗТ кон средината на ланската сезона, враќајќи се во таборот на аеродромци по неколкуте месеци минати во дресот на Шолнок, и беше еден од најзаслужните за новата шампионска титула. “Металците” по потпишувањето на новиот договор со Алеш Пипан се вртат кон составување на тимот за следната сезона, а токму словенечкиот стратег го потенцирал Синовец како еден од кошаркарите кои треба да се задржат во МЗТ Скопје. Заедно со Синовец договор ќе потпише и крилниот центар Мијатовиќ, кој последен пристигна во текот на ланската сезона, но играше сосема солидно и ги освои симпатиите на стручниот штаб и на управата на клубот.

Еден од оние што сигурно нема да го носат дресот на МЗТ во следната сезона е Александар Цветковиќ. Српскиот плејмејкер беше член на “металците” под договор за двогодишна позајмица од Црвена звезда, а по истекот на истата донесена е одлука Цветковиќ да не биде задржан во редовите на македонскиот шампион. Тој веќе се вратил во Србија и се наоѓа во потрага по нов клуб, со оглед на фактот дека во Црвена звезда не се смета сериозно на неговите услуги.

Приоритет на “металците” во следниот период ќе биде и ангажман на врвен центар, ако се знае дека и Предраг Самарџиски се наоѓа пред заминување од оваа екипа и нов трансфер во странство.