Сирија ја обвини Турција за непочитување на суверенитетот

Официјален Дамаск денеска ја обвини Турција за „грубо кршење“ на суверенитетот на Сирија, откако Анкара им дозволи на ирачките Курди и опозициски бунтовници да пристигнат преку турска територија до градот Кобане, кој се наоѓа под опсада на екстремистите од групата Исламска држава (ИД).

– Турција уште еднаш ја покажа својата заговорничка улога, дозволувајќи им на странски сили и терористички групи да влезат во Сирија. Ова претставува грубо кршење на суверенитетот на Сирија, се наведува во соопштението на сириското Министерство за надворешни работи.

Соопштението е издадено само неколку часа откако група од 10 курдски борци, Пешмерги влегле во Кобане. Тие се први од вкупно 150 борци кои од Ирак тргнале кон овој сириски град, со цел да помогнат во неговата одбрана од ИД.