Сириската армија презеде контрола врз неколку населби источно од Алепо

Сириската армија презеде контрола врз неколку населби источно од градот Алепо, искористувајќи ги судирите меѓу бунтовниците и исламистите во реонот, соопштија Вооружените сили на Сирија. Во судирите 60 лица го загубија животот.

Сириската армија во синоќешното соопштение нагласува дека презела четири населби и стратешки важен рид источно од Алепо и притоа убила „голем број терористи“.

Овие успеси ја зацврстуваат контролата на владините сили врз регионот на меѓународниот аеродром и на индустриската зона на градот, како и на патиштата до Ал Баб.

Сирискиот Центар за мониторинг на човековите права исто така потврди дека армијата освоила територија источно од Алепо, искористувајќи ги судирите меѓу бунтовниците и припадници на групата Исламска држава на Ирак и Левантот, која важи за огранок на Ал Каеда.

Според Центарот, како резултат на освоените населби, силите на режимот сега можат да почнат опсада на овој голем град во северна Сирија.

Во меѓу време, палестинскиот министер за труд Ахмед Маџдалани соошти дека лонвој со хуманитарна помош на ОН не успеал вчера да стигне до палестинскиот бегалски камп Јармук, јужно од сирискиот главен град Дамаск, бидејќи бил изложен на напад од бунтовници снајперисти.

Како што јави ИТАР-ТАСС, локални жители тврдта дека од октомври, па досега, од глад или поради недостиг на медицинска грижа во кампот починале 46 лица .