Сириската опозиција нема да учествува на преговорите во Женева

Сириската опозиција синоќа соопшти дека нема да учествува на мировните преговори за Сирија, што треба да започна денеска во Женева, пренесе МИА, повикувајќи се на ДПА.

Бидете сигурни дека нема да одиме во Женева и дека на утрешните преговори нема да има наша делегација, изјави синоќа членот на опозицискиот Висок комитет за преговори, Џорџ Сабра по состанокот на опозициските претставници во саудискиот главен град Ријад.

Портпаролот на опозицискиот Сириски национален совет, Ахмад Рамадан соопшти дека опозицијата донела ваква одлука бидејќи од ОН не ги добила бараните дообјаснувања.

Ниту еден од членовите на Комитетот нема да оди во Женева, бидејќи сите ги чекаат побараните одговори, нагласи Рамадан, додавајќи дека средбата во Ријад, на која присуствуваат претставници на најголем дел од сириските опозициски групи, ќе продожли и денеска.

Прес-службата на Канцеларијата на специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура вчера соопшти дека мировните преговори за ставање крај на сирискиот конфликит ќе почнат денеска во Женева, иако во тој момент се уште не беше познато дали опозициските групи ќе учествуваат на средбата или не.

Претходно вчера, Канцеларијата на Мистура објави негова видео-порака упатена до сирискиот народ во која тој вели дека очекува разговорите да бидат одржани „во следните неколку дена“ и ги повика сите страни инволвирани во сирискиот конфликт да стават крај на крвопролевањето.

Пет години од овој конфликт се премногу. Овие преговори се можност што не треба да биде испуштена, изјави Мистура во видео пораката.