Сириската опозиција заедно со САД ќе се бори против исламистите

Сириската опозициска Национална коалиција, која е поддржана од Западот, денеска изрази подготвеност да се бори заедно со САД против екстремистите на Исламската држава (ИД), откако американскиот претседател Барак Обама првпат одобри американски воздушни напади во Сирија, објави МИА.

Нагласувајќи дека „одамна повикува на ваква акција“ и дека многупати предупредувала на групата ИД, Националната коалиција повторно го повика своето воено крило, Слободната сириска армија, да ја прифати поддршката и да формира „доверливи и добро опремени сили“.

Сириската опозициска коалиција, чие седиште се наоѓа во Турција, ја поддржуваат и признаваат западните држави и земјите од Персискиот Залив, кои се меѓу најгласните противници на сирискиот претседател Башар ал Асад, но таа нема доволна поддршка на теренот.

Обама вчера им се обрати на Американците, најавувајќи дека првпат одобрил американски воздушни напади во Сирија, но и дополнителни напади во Ирак со цел конечно да се уништи ИД, која заземала големи делови од од овие две земји.