Свет

Сириската војска ја прекина опсадата на аеродромот во Деир-ез-Зор

Сириската војска ја прекина опсадата на аеродромот во Деир-ез-Зор

Сириската војска во саботата ја прекина опсадата од ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава на владиниот сектор на југот од градот Деир-ез-Зор, во истоимената покраина, влегувајќи на воениот аеродром кој речиси три години беше под опсада на џихадистите.

„Единиците на сириската војска во соработка со сојузничките сили ја пробија опсадата на воениот аеродром и блиските населби на југот од градот“, извести службената новинска агенција SANA.

Кон воздухопловната база, во источните делови од гадот Деир-ез-Зор, се пробиле елитните единици на сириската армија под команда на генералите Исам Зхредин и Хасан Суел, пренесува дописникот на агенцијата РИА.

Со поддршка на авијацијата и артилеријата, војската ги заземала ридовите во близина на воздухопловната база, елиминирајќи опрема на џихадистите и одбранбените позиции на Исламската држава. Нападот се одвивал одеднаш од три насоки, а во моментов продолжуваат борбите во близина на базата.

Во вторникот сириските владини сили ја прекинаа опсадата на првата владина енклава на западот од градот Деир-ез-Зор, кој околу 60 отсто уште е под контрола на џихадистите.

„Со пробојот на опсадата на воениот аеродром силите на режимот овој сектор го поврзаа со владините населби на западот од Деир-ез-Зор“, изјави за AFP Рахман Абделрахман, директорот на опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон.

Покрај тоа, коалицијата на арапските и курдските борци во саботата започна офанзива за да ја потисне Исламската држава од областите кои ги контролира на истокот од покраината Деир-ез-Зор, покраината богата со нафта на границата со Ирак.

Губењето на покраината Деир-ез-Зор ќе претставува крај на присуството на Исламската држава во Сирија која веќе ги брани позициите во својата „престолнина“ Рака поред офанзивата на арапско-курдската коалиција која ја поддржуваат и вооружуваат САД.