Сириски нуклеарни експерти убиени при напад кај Дамаск

Најмалку четворица нуклеарни експерти и електроинженери се убиени во близина на Дамаск, откако вооружени лица отвориле оган врз еден автобус со кои тие патувале, соопшти денеска Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, објави МИА.

Бидејќи во реонот немало судири, се претпоставува дека научниците биле цел на нападот.

Според сириските медиуми, експертите патувале кон Научно-истражувачкиот центар во близина на Дамаск, при што биле нападнати на еден мост. Четворицата биле сириски државјани и се претпоставува дека за нападот е одговорна организацијата „Џебхад ан Нусра“, која е поврзана со Ал Каеда.

Според невладината организација, со седиште во Лондон, биле убиени петмина нуклеарни инженери, од кои едниот бил ирански државјанин.

Сириски инсталации и институции, за кои се претпоставува дека се користат за воени и нуклеарни истражувања, и претходно биле цел на напади.