Сириските бунтовници се евакуираат од последниот кварт во Хомс

Сирискиот центар за набљудување на човековите права соопшти дека сириските бунтовници почнаа денеска да се евакуираат од последниот кварт во Хомс, кој беше под нивна контрола, што е согласно спогодбата, што ја склучија со режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, пренесува МИА.

Првиот автобус со цивили го напушти квартот Ваер, изјави директорот на Центарот Рами Абдел Рахман.

Спогодбата склучена на 1-ви декември, под покровителство на Обединетите нации, предвидува од квартот да се повлечат две илјади бунтовници со нивните семејства.

Според Рахман во моментов околу 750 лица, меѓу кои и цивили го напуштиле квартот.

Тие се собрале да чекаат на улиците уште во четири часот исутринава (два часот според Гринич), додаде тој.

Според властите, имплементацијата на таа спогодба може да трае околу два месеци.

Се очекува со тоа да се стави крај на престрелките и армијата да ја укине опсадата на Ваер, последниот кварт, кој го бранеа бунтовниците во Хомс, град кој тие го нарекуваа „престолнина на револуцијата“.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.