Сите булевари и градски улици расчистени и проодни, фрлени дополнителни 50 тони сол

Продолжуваат активностите на зимската служба на Град Скопје, кои се на терен од почетокот на снежните врнежи, каде екипите ги расчистуваат булеварите и улиците коишто се во надлежност на Градот.

Екипите на зимската служба делуваат на терен со 24 возила и сите булеварите и улиците коишто се во надлежност на Градот се расчистени и проодни. Изминатава вечер на коловозите се фрлени дополнителни 50 тони сол, а екипите на јавните претпријатија го чистат снегот од јавните површини и пешачките патеки.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Потсетуваме дека индустриската сол има ефект до – 6 степени целзиусови и поради ниските температури можно е појавување на голомразица на коловозот и апелираме на голема внимателност во сообраќајот.

-Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување. Апелираме до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти, велат од Град Скопје.

ЈП „Комунала хигиена“ апелира општините да ја реализираат нивната обврска за чистење на улиците кои се во надлежност на општините и апелира за поголема ажурност во оваа област, со цел непрекинато собирање на комуналниот смет.