Сите информации на едно место: Саем за „Купи куќа, купи стан“

Од денеска па до вторник, во „Сити мол“ граѓаните на едно место ќе можат да ги добијат сите потребни информации за владиниот проект „Купи куќа, купи стан“, за што Министерството за финансии, дава и до 14.000 евра неповратни средства за купување нов дом.

Повеќе градежни компании, банки и осигурителни куќи, ги нудат своите услуги на сите заинтересирани, а посебни поволности и попусти корисниците на проектот ќе добијат и од компании за мебел, бела техника и осигурување.

Според директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов, најновите измени во проект се во насока на подобрување на условите за граѓаните. Ова претпријатие преку „Купи куќа, купи стан“ нуди станови во повеќе градови низ земјава, а во Скопје, во Реонски центар во населбата Ново Лисиче и во новоградба во индустриската зона спроти „Американ колеџ“.

„Во Реонски центар цената на становите е 795 евра за квадратен метар. Становите се градени по ИСО стандарди и се со одличен квалитет. Имаме продадено околу 500 станови,  а околу 20 до 30 отсто се од овој проект. Становите во Охрид  се продаваат 700 евра за квадратен метар, во Битола се  530 евра за квадратен метар. Имаме станови и во Струмица.  Во Скопје, во реонски центар цената е 795 евра за квадратен метар и становите во зградата што е во изградба спроти  „Американ колеџ“ се по 830 евра за квадратен метар“, вели Грозданов.

Продажбата на становите во ова државно претпријатие се одвива преку јавна лицитација, а според Грозданов, причината за тоа е да се овозможи поголема транспарентност во купопродажниот процес. Сепак, како што вели тој, и покрај тоа што се работи за лицитација, досега не се случило почетната цена на станот да порасне повеќе од 3 евра за квадрат, што би значело дека најмногу купувачот би можел да изгуби околу 50 евра.

И за сопственикот на градежната фирма „Адора инженеринг“, проектот е во интерес на сите заинтересирани страни, а особено е повоен за развој на економската политика во земјава. Цените на становите кои „Адора инженеринг“ ги нуди преку „Купи куќа, купи стан“, чинат 900 евра за квадратен метар.

Проектот „Купи куќа, купи стан“ беше промовиран во јануари 2012 година и досега на овој начин се продадени околу 330 станови. Засега, поголема заинтересираност постои за опцијата купување стан.
Проектот е продолжен и за следната година, а државата на граѓаните им нуди можност да учествува во половина рата за купување стан и 75 отсто за изградба на куќа во првите пет години. А, втора опција е Владата да плаќа 75 отсто  од учеството за изградба или купување на куќа, или најмногу до 9.375 евра за кредит од 50.000 евра. За учество за кредит за купување на стан Владата ќе плати 50 отсто од учеството, или најмногу до 6.250 евра за кредит од 50.000 евра.