Магазин

Сите лековити својства на костенот

Сите лековити својства на костенот

Пристигна сезоната на костенот. Со особен мирис и благ вкус овој продукт нашол широка примена во кујната, а неговите хранливи состојки му помагаат на организмот да се прилагоди на се постудените денови кои што доаѓаат.

Питомиот костен е еден од првите продукти кои што човекот ги конзумирал и за тоа постојат археолошки докази. Костенот најмногу расте во јужна Европа и во Средоземјето.

Костенот бил познат во Кина и Јапонија долго време пред римските легии да го донесат во Европа. Печените костени се продавале на улиците на Рим во 16-иот век, како што и ден денешен се продаваат зиме низ многу европски градови. Најстарото дрво костен кое уште се нарекува „Сто коњи“ се наоѓа на планината Етна во Сицилија и неговата старост се проценува помеѓу 2000 и 4000 години. Во минатото костенот го конзумирале печен или варен, а од мелени костени се приготвувала напивка која служела како замена за кафе. Од медот од костенот се приготвувала медена ракија.

Освен со специфичниот вкус костенот од останатите продукти се издвојува и со неговите лековити својства. Плодот на костенот е хранлив, му дава на организмот енергија и минерали, добар е за мускулите и има антисептичко дејство, а може да се користи и при лекување на реума.

Поради лековитите состојки костенот се користи во производството на фармацевстки препарати-првенствено за лекување на заболување на вените, проширени вени, хемороиди, тромбоцити и дрго.

Чајот од листот на костенот во народната медицина се употребува за лекување на кашлица, бронхитис, астма и слични тегоби со дишните органи.

Подгответе го така што ќе ставите една рака свежи лисја или половина рака суви лисја од костен на половина литра врела вода и оставете го да отстои. Од овој чај можете да пиете и по три филџани дневно.

Тинктурата направена од деловите на ова растение се покажала како доста делотворна во лекувањето хемороиди, затоа што костенот позитивно влијае врз вените.

Медот од костен е многу здрав и ја подобрува циркулацијата, го штити панкреасот, помага кај гастритисот, анемијата, кај физичката и интелектуалната исцрпеност.

Варените плодови од костенот ја прочистуваат крвта, помагаат за ослободување од вишокот мочна киселина, а се препорачуваат и за заболените од реума.