Сите патници кои беа заглавени на патиштата низ Македонија се извлечени

Според последните информации од Центарот за управување со кризи сите патници кои вчеравечевер со своите возила биле заглавени на планинскиот превој Пресека на магистралниот пат Охрид-Кичево се извлечени.

Исто така и сите патници кои биле заглавени на патниот правец Скопје – Велес поради сообраќајната несреќа во која камион излета од патот, во текот на ноќта се извлечени.

Според последното соопштение на АМСМ сообраќајот патниот правец Охрид-Кичево праку планинскиот премин Пресека е сеуште во прекин, а екипите на ЈП Македонија пат работат на расчистување на патот.

Поради големи остатоци од снег забрана за тешки товарни возила има на патнитe правци: Тетово – Попова Шапка, Маврово – Дебар – Струга, Струга – г.п. Ќафасан, Крива планака – г.п. Деве Баир, на планинските премини Стража, Буково и Ѓавато.

Забрани за тешки товарни возила има и на регионалните патни правци Тетово-Брвеница-Чегране-Гостивар, Сарај-Тетово, Тетово-Пирок-Гостивар, Теарце-Јегуновце-Радуша и Желино-Јегуновце. На патниот правец Тетово – Јажинце е задолжителна употреба на зимска опрема за сите видови на возила. На патниот правец Вратница – Јажинце, поради силен ветар и наноси од снег на коловозот, не се препорачува движење на тешки товарни возила.

Од АД Галеб информираат дека поради непроодноста на Пресека автобуските линии кон Скопје сообраќаат преку Битола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.