Сите планинари блокирани на Монт Еверест евакуирани во базниот камп

Сите планинари кои беа блокирани на камповите високо на Монт Еверест поради лавината предизвикана од големиот земјотрес, со хеликоптер се пренесени во базниот камп.

Благодарение на добрите временски услови вчера, три хеликоптери во текот на денот ги спасуваа планинарите од кампот еден над непроодните заледени водопади, додека другите кај кампот два направиле воздушен мост, пренесува Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.

Половината шатори во базниот логор на Еверест во саботата беа уништени од лавината која уби помеѓу 17 и 22 планинари. За време на земјотресот, на планината се наоѓале околу 350 странски планинари и два пати повеќе домашни водичи.

Планинарскиот сојуз на Тибет одлучи да го затвори пристапот до Монт Еверест, за време на целата сезона, а кинеското Министерство за туризам денеска ќе соопшти како ќе се одвива евакуацијата.

Иако ситуацијата во базниот камп е мирна и нема паника, сепак планинарите стравуваат дека регионот би можел да биде погоден од уште еден силен земјотрес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.