Сите сакаат на Куба

Обновувањето на дипломатските односи со САД на Куба и донесоа и зголемен број на туристи.

Министерот за туризам, Мануел Мареро, неодамна соопшти дека обновените односи во првата половина на годината предизвикале раст на бројот на туристи за 17 отсто во однос на истиот период во 2014 година.

Најголем број туристи доаѓаат од Канада, Велика Британија, Шпанија, Мексико, Франција и Италија, пишува британски „Телеграф“.

Стратегија за развој на услужната индустрија

Од овие прични кубанските власти сега развиваат стратегија за натамошен развој на услужната индустрија, што вклучува изградба на нови хотели, обновување на старите, како и обука на персоналот.

-Знаеме дека пред нас има многу работа, но одиме во добра насока, постепено одговарајќи на се поголемите барања, изјави Мареро.

Бројот на туристи тројно зголемен

Од друга страна, Сара Бредли, директорка на компанијата „Journes latin Ameica“ од САД, наведува дека е забележен голем раст на интересот за посета на Куба. Таа истакнува дека бројот на резервации во изминатите шест месеци е тројно зголемен.

-Куба од секогаш била разиграна, гостопримлива земја, а нејзините вредни жители сега осмислено одговараат на новите предизвици, вели Бредли.

Иако многумина се загрижени дека земјата сега заради отворањето на границата и западното влијание може да го загуби својот единствен шарм, Бредли наведува дека нема причина за грижа.

-Ова се многу позитивни и возбудливи времиња за Куба. Во прашање е дестинација со исклучително богата политичка и природна историја, која ја карактеризира единствена култура. За сега ништо не укажува дека тоа ќе се промени, заклучува Бредли, пишува Денешен.