Сите студенти на Педагошките факултети и ќе добиваат стипендија

Педагошките факултети во иднина ќе се основаат само на јавните универзитети, сите факултети ќе имаат усогласени студиски програми и усогласени со Законот за наставници. Секој студент што ќе биде примен на педагошките факултети од следната 2015/2016 академска година ќе добива месечна стипендија по 50 отсто од просечна плата во РМ.

Ова го истакна министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми на отворената владина седница и додаде дека траењето на студиите ќе биде четири години или 240 кредити. Ќе има задолжителен приемен испит, право да се запишат ќе имаат сите матуранти со положена државна матура, минимум 4 просечен успех во средно и познавање англиски јазик.

– Задолжителниот приемен испит се однесува на математика, мајчин јазик – говорни и писмени вештини, англиски јазик, природни науки, информатички вештини, физичко-кондициска подготвеност, музика и разговор со кандидатот. Во моментот на запишување на педагошкиот факултет, на студентот му се обезбедува стипендија во висина од 50 проценти од просечната плата во РМ, додаде Адеми.

За втора, трета и четврта година за да има стипендија ќе има дополнителни критериуми, мора да има просек над 8 и редовно да ги запишува следните години. На крајот ќе има дипломски испит, јавна одбрана на испитот, писмен и устен испит од наставните содржини. Во текот на студиите има задолжително теоретски и практичен дел. Практичниот ќе се одвива во училиштата, во кој има наставник со квалификација ментор или советник. Писмениот дел го полагаат електронски, како и на другите факултети. Се дефинира и кој може да биде предавач на педагошките факултети.

Ресорниот министер соопшти дека се подготвуваат и 20 наслови за учебници за потребите на педагошките факултети, наслови кои се користат на најреномираните универзитети во светот.

Претходно, Адеми соопшти и новина за стимулирање на учениците за математика. На ученик кој ќе освои прво, второ или трето место на меѓународен натпревар, со учество на најмалку десет држави, по математика или природни науки и на наставникот што го подготвувал ќе им се доделува парична награда одделно во износ од по 50 отсто од просечна нето плата во Република Македонија.