Сител до ССНМ: Го злоупотребувавте нашето членство!

По реакцијата на Самостојниот Синдикат на новинари и медиумски работници поради одликата на новинари од Сител да го напуштат синдикатот, од телевизијата испратија соопштение каде велат дека причините за овој потег лежат единствено во начинот на кој функционира Вашата организација и во ниту еден друг надворешен фактор.

Во продолжение следува реакцијата на ТВ Сител.

Во изминатите години кога новинарите на Сител беа дел од организацијата, ССНМ не покажа никаква иницијатива за нивно вклучување во своите активности, застапување, лобирање или нивно консултирање при градењето на програмите и политиките на синдикатот. Сметаме дека нашето членување беше единствено злоупотребувано за Синдикатот да претстави наводна бројност како и за да пред странските донатори, амбасади и меѓународни организации прикаже членство на новинари и медиумски работници од најпопуларниот медиум.

За жал, дури и со нашата вклученост „на хартија“, оваа организација не успеа да изгради кредибилитет и да ја скрие политичката обоеност и фактот дека работи единствено во интерес на мала група луѓе од нејзиното најтесно раководство.

Поради ова, а согласно правото на слобода при одлучувањето дали ќе се членува во одредена организација, одлучивме да Ве известиме дека повеќе не сакаме да бидеме дел од дружината ССНМ.