Сити го надигра Арсенал и го освои Лига купот

Фудбалерите на Манчестер Сити се победници на годинешното натпреварување во англискиот Лига куп, откако во неделата во финалето на лондонски „Вембли“ го совладаа Арсенал со убедливи 3:0 (1:0).

Сити дојде во водство во 18 минута преку Агуеро во акцијата изведена и буквално во два потега. Голманот Браво дегажираше долга топка, а Агуеро ја искористи грешката на Мистафи и од првиот допир го лобуваше Оспина. Во продолжението „граѓаните“ потполно ги надиграа „топчиите“ и со головите на Компани во 58 и Силва во 65 минута ја потврдија победата која можеше да биде изразена и со повеќе голови.

Ова е петта титула за Сити во Лига купот, а трета во последните пет сезони. Досега овој трофеј го освојуваа во 1970, 1976, 2014 и 29016 година. Воедно ова е прв трофеј кој како менаџер на Манчестер Сити го освојува Пеп Гвардиола.

Арсенал, пак, остана на двете титули во Лига купот, освоени во 1987 и 1993 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.