Сити и Арсенал во полуфиналето на Лига купот

Фудбалерите на Арсенал станаа првите полуфиналисти на годинешниот англиски Лига куп, откако во средата на својот „Емирејтс“ со 1:0 го совладаа Вест Хем Јунајтед, додека неприкосновената екипа во првенството Манчестер Сити дури по подоброто изведување на пеналите успеа да дојде до победата над Лестер.

Единствениот погодок во дуелот меѓу Арсенал и Вест Хем го постигна Дени Велбек, кој во 42 минута меѓу двата бека на Вест Хем во петерецот успеа да се избори за топката и да ја турне во мрежата.

Екипата од „синиот дел“ на Манчестер имаше водство од 26 минута на „„Кинг Пауер“ стадионот, кога погоди Бернардо Силва, сѐ до седмата минута од судиското продолжување. Тогаш домашните се изборија за пенал кој го реализираше Џејми Варди и избори продолженија. Во дополнителните двапати по 15 минути немаше голови, па одлуката за полуфиналистот беше донесена од пенал серијата.

Изведувачите се менуваа според таканаречениот „АББА“ систем, а првите седум изведувачи, тројца домашни и четворица гостински, беа прецизни. Потоа дојде редот на двајцата последни изведувачи од Лестер. Варди кој погоди во завршницата од регуларниот тек, сега го промаши целиот гол. Ријад Мендез мораше да погоди за одржување на надежите, но неговиот удар го одбрани Педро Браво и го одведе Манчестер Сити во полуфиналето.

Во среда на распоред се другите два четвртфинални дуели во кои се среќаваат Бристол Сити против Манчестер Јунајтед и Челзи против Борнмут.