Сити најави целосна офазнива на Ноу Камп

Ништо помалку интересни нема да бидат денешните реванш 1/8 финални натпревари од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.

Реванш дуелот против каталонскиот гигант Барселона, најверојатно ќе се покаже како последен за најбогатиот клуб од англиската Премиер лига, Манчестер Сити, кога е во прашање годинешното издание на Лигата на шампиони.

Не само што играат на гостински терен, избраниците на Мануел Пелегрини, реванш дуелот на „Ноу Камп” ќе го стартуваат со негатива од два гола.

Тешко е за верување дека Барселона може да прокоцка таква голема предност, но гостинските фудбалери се убедени дека натпреварот ќе добие сосема поинаков тек доколку Манчестер Сити прв постигне погодок.

„Добро што играме против Барселона. Ова е шанса да се искупиме за срамната елиминација од Виган. Гладни сме за успех, веруваме во успех, сите сме убедени дека можеме да напишеме нова страница во клупската историја. За нас нема друга опција, мора да ги нападнеме од првиот судиски свиреж. Пласманот во следната рунда ќе стане реалност ако ние први постигнеме погодок”, изјави францускиот интернационалец, Самир Насри.

Многу поголем број на погодоци би требало да има на реванш дуелот помеѓу претставниците на Франција и Германија, ПСЖ и Баер Леверкузен.

Домаќинот реванш дуелот ќе го стартува со огромна предност од четири гола, а гостинот ќе се обиде на што е можно подостоинствен начин да се збогува од елитното друштво.

Денеска на програмата: ПСЖ – Леверкузен (4:0 прв натпревар), Барселона – Манчестер С. (2:0).