Сити се збогува со шампионската титула

Иако најавија сигурна победа во заостанатиот натпревар од 34. коло во англиската Премиер лига, фудбалерите на Манчестер Сити одиграа очајно лошо во вторите 45 минути и на крајот мораа да се задоволат со само еден среќно освоен бод (2:2) во дуелот против фенерџијата на првенствената табела, тимот на Сандерленд.

Со новиот голем кикс, популарните „граѓани”, најверојатно ставија крај на сите надежи кога е во прашање борбата за шампионската титула, која сега ќе се води помеѓу екипите на Ливерпул и Челзи.

„Сега имаме уште помали шанси во борбата за шампионската титула. Нема да се предадеме, ќе се бориме до последното првенствено коло. Мислам дека се уште мислиме на натпреварот против Ливерпул, уште не мачи тој незаслужен пораз. Бев многу загрижен пред натпреварот, приметив дека моите фудбалери се ментално уморни, дека се психички уморни”, изјави предводникот на Манчестер Сити, Мануел Пелегрини.

Голем чекор наназад во борбата за четвртата позиција направија фудбалерите на Евертон кои одиграа под очекуваното ниво на “Гудисон Парк” и сосема заслужено доживеаа минимален пораз од 3:2 во дуелот против екипата на Кристал Палас.