Сити уште еднаш го сомеле Арсенал

Во последниот дуел од 28-то коло на англиското фудбалско првенство водечкиот Манчестер Сити на гостувањето во Лондон со 3:0 го победи Арсенал, постигнувајќи ја и третата победа оваа сезона против „топчиите“.

Сити целата работа ја заврши во првите половина час од натпреварот кога беа постигнати сите три гола, а стрелци беа Бернадро Силва во 15, Давид Силва во 28 и Сане во 32 минута. Во продолжението од мечот за „граѓаните“ беше рутинско одработување. Арсенал во 53 минута можеше да намали, но Пјер-Емерик Обамејанг лошо го изведе пеналот, со што му овозможи н апротивничкиот голам Едерсон да се истакне.

Интересно, ова беше првиот натпревар во Премиер лигата на кој Арсенал прима три гола во првото полувреме.

Исто така, интересно е што ова за Сити беше само втората гостинска победа против Арсенал во елитното англиско натпреварување во последните 33 меча.

Воедно Сити стана и само вториот клуб, по Челзи, кој во последните 12 години забележал три победи против Арсенал во една сезона. Во првиот дуел оваа сезона „граѓаните“ на својот терен славеа со 3:1, а пред четири дена во финалето од Лига купот победија во Лондон, исто така, со 3:0.

На првенствената табела води Манчестер Сити со 75 бодови, Манчестер Јунајтед е на второто место со 59 одови, трет е Ливепрул со 57 бодови, Тотенхем е на четвртата позиција со 55 бодови, а потоа следат Челзи со 53 и Арсенал со 45 бодови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.