СЈО бара да бидат прогласени виновни обвинетите во случајот „Мерцедес“

Судот да ги прогласи за виновни обвинетите и при определување на казната да ги има предвид отежнителнте и олеснителните околности, а во отежнителни околности се степенот на кривична одговорност, односно се работи за директна умисла додека бил премиер, побудата за делото е поради остварување на личната желба на Груевски, ама од буџетски средства, како и тоа што е повреден законот за јавни набавки, побара во завршните зборови од случајот „Мерцедес“, Специјалнот јавно обвинителство.

Како олеснителна околност да се земе неговата семејна положба, побара обвинителот Гаврил Бубевски во завршните зборови за случајот „Тенк“ каде обвинет е поранешниот премиер Никола Груевски. Обвинителот рече дека одбраната не може да се повика на застареност на делото на Груевски кое според закон би требало да е застарено во 2015 година, но ако обвинетиот стори друго тешко или потешко кривично дело застареноста не важи што е случај и со Груевски кој е обвинет уште за четири други предмети.

Осудителна пресуда СЈО побара и за поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски. Тие побараа обвинетите да ги платат и судските трошоци во висина од 313.160 денари. На 12 страни беа испишани завршните зборови кои ги кажаа Бубевски и неговиот колега Стевчо Донев.

На почетокот на неговите заврши зборови, Донев зборуваше за набавка на возило која требало да се случи во 2011 или една година пред да се набави новиот мерцедес.

„Во 2011-та Ѓоко Поповски донел одлука за набавка на поволно блиндирано патничко моторно возило за 22 милиони денари во којашто одлука е напишано дека набавка на ново возило е вонредно скапа па се решиле за купување на старо возило. Ова докажува дека е неопходно да се набави, но првично за МВР нема ништо спорно да се набави поволен автомобил кој поминал мајмногу до 15.000 километри“, наведе обвинителот.

Набавката не била спроведена, но во образложението пишувало дека истата ќе се повтори, а не дека набавка ќе се распише пак, но за ново возило. Понатаму, во годишниот план за јавни набавки за 2012 потпишан од Гордана Јанкуловска биле одредени 15 милиони денари за набавка на блиндирано возило, но потоа го зголемиле износот на 30 милиони денари.

„Обвинетите знаеле точно што и зошто прават. Зошто во планот за јавни набавки првично имало 15 милиони, а потоа е зголемен износот за дупло. Јасно се забележува дека во постапката за јавна набавка има технички спецификации кои се разликуваат од тие што биле наведени во 2011. Зошто ако само сакале ново наместо поволно возило во документацијата за јавна набавка не го смениле само зборот користено со ново?“, рече Донев.

Обвинителите од СЈО во завршните зборови наведуваат што произлегува и што се потврдува од доказите и сведоците кои беа изведувани во текот на судењата. Ги прераскажуваа десетината телефонски разговори на Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Ѓоко Поповски, Кирил Божиновски и Сашо Мијалков.

Во нив, потсетија обвинителите, се договара набавката, какви спецификации да има возилото, како Груевски бара до локалните избори да не се знае дека тој го користи па пред новинарите ќе се вози во стариот мерцедес, а потоа во новиот итн.

Обвинителите потсетија и како низ судскиот процес докажале зошто постои фаворизирање на компанија „Макауто Стар“, како еден од примерите наведоа точно е дека и други компании покрај овластениот застапник на мерцедес можеле да увезуваат од оваа марка, но во јавната набавка стоело дека возило ќе се набави од фирма која има овластен сервис кој го има само „Макауто Стар“.

Обвинителите потсетија и што кажале сведоците, меѓу кои и оние од комисијата за јавна набавка кои, посочи Бубевски, не знаеле да кажат кој им ги дал спецификациите за да ги наведат во тендерот. За сведоците на одбраната, кои беа дури 9 лица од обезбедувањето на Груевски, обвинителот Бубевски рече дека тие сведочеле колку се расипувало старото возило, а постапката е за начинот на набавка.

„Небитно е дали Груевски се возел или не во мерцедесот, битно е дека барал да се спроведе набавката. Небитно е дали е набавено, туку начинот на кој е набавено возилото“, рече Бубевски.

За истите сведоци, тој посочи и дека тие од една страна зборувале дека старото возило се расипувало често, речиси секој ден.

Од друга страна рекле дека Груевски во новиот мерцедес се возел многу ретко односно само кога било расипано старото што, наведе Бубевски, ретко во случајот значи секој ден.

Груевски во предметот е обвинет за кривичното дело примање награда за противзаконско влијание, додека Поповски за злоупотреба на службената положба и овластувања. За истото дело како Поповски обвинета е и екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, меѓутоа судската постапка за неа беше раздвоена поради ризична бременост.