СЈО бара изземање на претседателот на Врховен суд

Од СЈО појаснуваат дека бараат изземање на Вангеловски бидејќи тој е опфатен во јавно објавените телефонски разговори и тоа во период кога исто така ја извршувал функцијата претседател на Врховниот суд.

Во поднесеното барање пишуваат дека бараат изземање поради постоење околности кои предизвикуваат соменвање во неговата непристрасност што е причина за изземање на судијата врз основа на чл. 33 став 2 од Законот за кривична постапка.

– Во согласност со препораките на Европскиот суд за човекови права, непристрасноста на судот е една од основните гаранции на правото на правично судење, така што секое сомнение за пристрасност треба да биде отстрането, се вели во соопштението од СЈО

Јавното обвинителство на РМ пред неколку дена до Врховниот суд поднесе барање за заштита на законитоста со кое бара укинување на решенијата на Основниот суд Скопје 1 – Скопје и на Апелацискиот суд Скопје за одредување притвор на првоосомничениот во предметот „Труст“.

СЈО, пак, вчера го повлече барањето на ЈОРМ, со образложение дека тоа е единствено надлежно да постапува по предметите поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во сите судски инстанци.