СЈО ги држи граѓаните во заложништво со приватните разговори

Тоа најдиректно се крши законот, кој бара бесправно снимени разговори што не се во функција на некоја постапка веднаш да бидат уништени, и се отвора можноста за нивна злоупотреба, предупреди вчера Михајло Маневски, поранешниот министер за правда.

Тој реагира на неодамнешната изјава на специјалната јавна обвинителка Ленче Ристоска, која во една телевизиска емисија рече дека незаконските снимки „треба да ја видат светлината на денот“.

Ристоска рече дека се разгледувале повеќе опции за тоа што да се прави со снимките по завршувањето на мандатот на СЈО. Ристоска најави дека разгледувале можни опции, но со сигурност можела да каже дека тие материјали „нема да завршат во некој сеф или фиока и заслужуваат да ја видат светлината на денот, односно сите граѓани заслужуваат да знаат што навистина се случило“. Тие снимки, според неа, нема да завршат никаде, „освен во архивата на СЈО“. Јас прашувам како овие материјали ќе ја видат светлината на денот, како граѓаните ќе дознаат што се има случено и зошто да останат во архивата на СЈО? – потенцира Маневски.

Загрозена приватност

Тој се прашува дали по ваквата најава на Ристоска може да се случи овие материјали јавно да се објават или да се продадат на јавна лицитација или да се стават во слободна продажба?!

Дали СЈО е над сите други органи и за него не важат законите за постапување со вакви материјали. Неверојатно е тоа што го изјави Ристоска, без чувство на одговорност, без помисла за заштита на човековото достоинство и приватност. Таа не наведе ниту една законска одредба од Законот за СЈО или кој било друг закон во врска со постапувањето со овие материјали, а беше должна да го стори тоа – смета поранешниот министер за правда.

Маневски потсетува дека од самиот почеток имало големи манипулации во врска со нелегално прислушуваните телефонски разговори. Самиот лидер на СДСМ, Зоран Заев, неколкупати во јавни настапи лицитираше за тоа со колкав број на разговори располага. Неколкупати изнесуваше различни бројки, а во последната негова изјава потврди дека имало 1,05 милион прислушувани разговори! Подоцна, при предавањето на сите снимени разговори на СЈО на 30 декември 2015 година не беше направен записник за тоа колку материјали се примени. На крајот, беше објавено дека од Заев се примени вкупно 606.555 аудиофајлови.

Се поставува прашање каде остана разликата од 450 илјади разговори? Што стана со тие материјали? Зошто обвинителката Kатица Јанева не презеде никакви мерки против Зоран Заев да ги предаде сите материјали и зошто не презеде мерки поради тоа што три месеци го одложуваше нивното предавање, а беше должен да ги предаде веднаш? – потенцира Маневски.

Зошто се чуваат материјалите

Тој потсетува и дека имателот на сите прислушувани разговори, Зоран Заев, во повеќе наврати, онака воајерски изјавуваше – „само јас знам што с` се имам изнаслушано“! Човекот да го жалиш, вели Маневски, или да му завидиш на неговото „знаење” за приватноста и интимата на луѓето. Тој поставува прашање дали во тие непредадени 450 илјади разговори спаѓаат и 70 илјади разговори пронајдени кај обвинетиот Захир Бекири-Чаушот, партискиот другар на Зоран Заев, во случајот „Фабрика за афери“.

Познато е дека во својот трет извештај од 15 март годинава СЈО објави дека дотогаш биле преслушани 272.950 аудиофајлови или 45 проценти од вкупниот број. При ова било утврдено дека 90.618 аудиофајлови се приватни разговори, со времетраење од 2.030 часа, а во 181.372 случаи не е утврдено постоење индиции за сторено кривично дело. Биле издвоени и 960 транскрипти каде што врз основа на преслушаните разговори имало индикации дека е сторено кривично дело.

Се поставува прашањето зошто СЈО веднаш не уништи 90.618 аудиофајлови за чисто приватни разговори и 181.372 фајлови за разговори од кои не се утврдиле никакви индиции за сторено кривично дело? Зошто СЈО ги чува овие материјали? Kоја му е целта? Kому му се потребни тие материјали? Дали тие материјали се чуваат да послужат за уцени и подметнувања? Никој нема право со искористување и злоупотреба на положбата, па ниту СЈО, да ги држи граѓаните во заложништво со нелегално снимени приватни разговори и разговори во кои нема ниту индиции, а камоли докази за сторено кривично дело. Тие материјали мора веднаш да се уништат – категоричен е Маневски.

Поранешниот министер за правда смета дека ваквото постапување претставува грубо кршење на законите. Тој потсетува дека во Законот за СЈО нема одредби за постапување со прислушуваните материјали.

Но, според член 1 став 2, за с` што не е уредено со тој закон, ќе се применуваат Законот за Јавното обвинителство и другите позитивни законски прописи во РМ. Според членот 25 од Законот за следење на комуникациите, податоците собрани со следење на комуникациите не можат да се употребат како доказ во кривичната постапка, кога следењето е извршено спротивно на постапката утврдена со Законот, како и кога следењето не е извршено во согласност со одредбите на Законот за кривичната постапка. Во таков случај податоците се уништуваат согласно член 26 од Законот – наведува Маневски.

Уништување под надзор на судија

Маневски објаснува дека решение за уништување на податоците донесува надлежниот судија врз основа на посебно барање. Барањето за уништување на податоците го доставува надлежниот јавен обвинител или заинтересирано лице.

Уништувањето на податоците го врши судија определен од претседателот на судот каде што е водена кривичната постапка во која се користени тие податоци. За извршеното уништување, судијата изготвува извештај. Во членот 151 од Законот за кривичната постапка се наведува дека ако јавниот обвинител се откаже од кривичното гонење или ако собраните податоци немаат значење за водење на постапката, ќе се уништат под надзор на судијата, а за тоа јавниот обвинител ќе изготви записник – вели тој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.