СЈО ги поднесе првите две обвиненија

Специјалното јавно обвинителство денеска до Основниот суд Скопје 1 поднесе два обвинителни предлога поврзани со кривични дела кои произлегуваат од незаконски присушуваните разговори.

Како што образложи обвинителската Фатиме Фетаи, првиот случај се однесува на уништување документи прибавени од незаконското прислушување што го извршиле вработени во Петтата управа на МВР.

Според неа, уништени биле 2047 службени списи. По усен налог на првообвинетиот, вработен во Петата управа, незаконски била формирана комисија која донела одлука да се уништата списите за работењето на системите за следење на комуникациите. Документите, рече Фетаи, се уништени незаконски, односно биле запалени на локација што ја посочил првообвинетиот.

Во овој случај покренато е обвинение против вкупно седум лица. Фетаи тврди дека имаат доволно докази и сведоци што ќе го поткрепат обвинението и очекува Судот да го прифати.

Вториот случај за кој е поднесен предлог за покренување обвинение произлегува од прислушуван разговор воден меѓу високи носители на извршната власт вечерта на 01.06.2013 година. Разговорот, посочи Фетаи, бил воден откако била закажана седница на Советот на општина Центар на која требало да бидат поништени неколку детални планови, меѓу кои и за Мал ринг.  Од содржината на разговорот според неа, произлегол кривично-правен епилог, односно е извршено грубо насилство врз градоначалникот и советничката група во општина Центар. Во овој случај испитани биле 20-тина сведоци и прибавена е документација. Обвинението опфаќа вкупно 14 лица осомничени за кривично дело насилство, од кои пет поттикнувачи и девет извршители.

Главната обвинителка Катица Јанева на денешната прес-конференција на која беше презентиран шестмесечниот извештај за работата на СЈО, апелира Собранието да го прифати нивниот предлог за измена на Законот за заштита на сведоци, со што според неа многу ќе се олеснат истрагите и процесирањето на предметите што произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори.

Јанева рече дека СЈО ќе продолжи со истрагите со цел да се утврди, како што наведе, кој во периодот од 2008 до 2015 година извршил кривични дела поврзани со незаконското прислушување, како и тоа кој го вршел прислушувањето.

Јанева истакна дека е подготвена да го презентира шестмесечниот извештај пред Собранието на РМ и Советот на јавни обвинители.