СЈО ја призна грешката- постигнат договор како да се постапи по судската наредба без да се кршат законите

Попладнево на подолг состанок во Управата за безбедност и контраразузнавање СЈО и вешти лица од Управата договориле механизам како да се постапи по судската наредба без да се прекрши законот и без да биде доведена во прашање националната безбедност, пишува Курир.

Претставниците на СЈО ја увиделе грешката која ја направиле во текот на вчерашниот ден и соочени со аргументите ги прифатиле сугестиите на професионалците од УБК, повикувајќи ги систем инженерите на Ериксон комуникации – Македонија, кои се единствено овластени да влезат во системот и да ги обезбедат информациите кои што ги бара СЈО.

Вториот систем инжењер на компанијата, во присуство и на СЈО ги потврдил позициите на првиот кој беше ангажиран синоќа, дека нивото на нивна обученост не овозможува постапување по барањата наведени во судската наредба, односно дека за таков вид на пребарувања е потребен ангажман на систем инженери со повисоко ниво на знаење. Предлогот од страна на компанијата бил таков експерт да се повика од централата на Ериксон.

Согласно договорот, постигнат на задоволство на присутните, утре СЈО треба и официјално да го достави овластувањето до УБК за да отпочне постапка со која би се обезбедиле вештите лица од Ериксон.

Ваквиот развој на настаните доаѓа откако во текот на денот, увидувајќи ја вчерашната грешка и направените пропусти, СЈО побарало судска наредба која би се однесувала на производителот на системот. Таквата наредба и практично значи признание за неупатеноста на обвинителите и истражителите на СЈО во целокупната процедура, но истовремено и потврда на сите аргументи изнесени од страна на МВР во текот на вчерашниот ден.

За потсетување, од страна на МВР уште вчера беше укажано дека никој ниту ја блокира, ниту го бојкотира работењето на СЈО, туку дека од незнаење нивните истражители бараат работи кои се надвор од законот. Имено, доцна синоќа, од МВР беше нагласено дека иако системот до кој што бара пристап Катица Јанева физички се наоѓа во УБК, истиот не е во сопственост на УБК, ниту УБК има овластување да му овозможи на СЈО пристап до него.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.