СЈО му го вратило пасошот на Латас, му ја одблокирало и сметката

Главниот и одговорен уредник на телевизијата Сител, Драган Павловиќ Латас, кого Специјалното јавно обвинителтво (СЈО) го товари во случајот „Тотал“, во петокот не се појави во Кривичниот суд, каде што требаше да му се суди за даночно затајување.

На самиот старт на судењето, судијката Славица Наумова Јосифовска ја исклучи јавноста и во судница ги остави само адвокатите и обвинителот. Подоцна, кога им беше дозволено на новинарите да влезат во судница, судијката Наумова објасни дека Драган Павловиќ Латас не е присутен на судењето од лични и семејни причини, а за што, како што рече, неговите адвокатки Анита Бегова и Светлана Савиќ, доставиле доказ од клиника во Германија.

Судијката рече дека доказот за спреченоста на Латас е издаден од Универзитетската клиника во Келн Германија, од 16-ти јануари годинава. Судијката читајќи го овој податок им се извини на адвокатките дека морала да го прочита доказот.

Судски извори потврдуваат дека поради лекување на член на неговото семејство во Германија, на Латас му бил вратен и пасошот и му било дозволено да патува во странство, а СЈО според истите информации ја одблокирало и неговата сметка, додава порталот Република.

Следното судење е закажано за педесетина дена, на 31-ти март, Денот на правосудството, кога, според сегашните најави треба да биде отворен новиот Кривичен суд сместен во нова зграда, лоцирана веднаш до сегашната.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.