СЈО на скандалозен и срамен начин се обидува да го спаси Заев од кривична одговорност

Тврдењето на СЈО дека немало доволно докази во обвинителниот акт со цел да се продолжи со судската постапка за случајот „Пуч“ е смешно и непрофесионално и ја разобличува целата поента зошто СЈО покрена два нови монтирани предмета „Таргет“ и „Тврдина“, коментираат познавачите.

Според нив СЈО продолжува со практиката јавно да се бламира пред целата домашна и меѓународна јавност, само за го спаси нивниот опозицискиот лидер од кривична одговорност. Од СЈО преку соопштение објавија дека го повлекуваат обвинението, а како причина е наведено тоа што фактичката состојба во тој предмет била во спротивност со доказите и наодите во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“.

Оттаму велат дека ваквата одлука е со цел да се приберат дополнителни докази што во целост ќе ја разјаснат фактичката состојба и ќе овозможат донесување на правилна и законита јавнообвинителска одлука.

„Појаснуваме дека, во насока на професионално работење, ние не може да застапуваме обвинителен акт кој е во спротивност со доказите со кои располагаме и истрагите отворени од наша страна. Воедно укажуваме дека со откажување од обвинителниот акт во предметот „Пуч“ ние не прејудицираме дали некој е невин или виновен, туку сметаме дека за целосно и точно утврдување на фактичката состојба, потребни се дополнителни докази, кои не можат да бидат прибавувани во фазата на главна расправа“, стои во сооптението на СЈО.

Според аналитичарите, со ваквата одлука излегува на површиина целта на инситирањето на специјалната обвинителка Катица Јанева да го преземе случајот „Пуч“, која како што велат, била јасна уште на самиот почеток, а тоа е да го спаси нејзиниот штитеник Зоран Заев.

„Однапред се знаеше дека преземањето на предметот од страна на СЈО ќе резултира со пронаоѓање милион причини како да се ослободи Заев од кривична одговорност, односно како Заев да куртули од судска разрешница на случајот. Всушност, сега излегува на површина дека целата работа на СЈО во изминатата година била во насока на вештачко креирање нови предмети со цел да се побие предметот „Пуч“ и Заев да се извлече од кривична одговорност. Срамното и скандалозно однесување на СЈО се гледа во апла манифестираната пристрасност, и во сопствено делување кое оди во насока на заштита на обвинетиот од страна на СЈО“, посочува универзитеската професорка Тања Каракамишева Јовановска во изјава за Нетпрес.

Таа смета дека Советот на јавни обвинители треба да го разгледа случајот и да утврди дали СЈО стручно го повлеко преметот.

Советот на јавни обвинители согласно законските надлежности треба да утврди дали СЈО работел стручно во предметот и дали смеел да се постави во улога на судија да цени (не)доволност на докази. Како СЈО споредувале докази добиени на законски начин со оние добиени на незаконски начин, и дали тоа е во надлежност на СЈО или на Судот? Ако Советот одлучи дека предметот е нестручно повлечен можно е да се направи преквалификација на делото и да се подигне обвинение против Заев за сторено велепредавство“, смета универзитетската професорка.

На одлуката на СЈО реагираа и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, одлуката на Јанева е срамна и безобразна, како и дека по ваквата одлука веќе нема никакви дилеми дека СЈО е партиски огранок на СДСМ и дека не постои никаква натамошна причина за негово постоење во правниот систем.

„ Со одлуката да го повлече обвинението за предметот „Пуч“ Катица Јанева застана зад обвинетите Заев и Верушевски кои се обидоа да ја заобиколат волјата на народот и без избори, со уцени со незаконски стекнати и монтирани материјали, да се дограбат до власт. Катица Јанева го игнорираше и признанието на еден од обвинетите кој го опиша злосторничкото здружение на Верушевски и Заев и веќе ја издржува затворската казна. Катица Јанева ја игнорираше и скајп комуникацијата меѓу обвинетите во која што најавуваа крв по улиците и украинско сценарио. Катица Јанева со денешната одлука потврди дека основната задача на СЈО не е расчистување на скандалот со незаконското прислушување туку вклучување во политичката битка“, посочи Трајко Вељаноски.

Инаку, овој судски предмет досега помина низ низа одложување на рочиштата без при тоа да започне расправа за предметот. Опозицискиот лидер Зоран Заев практично и не се појави во судница наоѓајќи разни оправдувања за одложување на рочиштата. Во „Пуч“, покрај Заев, обвинети се и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, општинскиот службеник од Струмица, Бранко Палифров и Ѓорги Лазаревски, вработен во МВР. Тие се товарат за шпионажа и за насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.