СЈО следната седмица ќе поднесе нови обвиненија

Следната седмица Специјалното јавно обвинителство ќе поднесе нови обвинителни акти до судот, денеска од Охрид најави обвинителката Катица Јанева.

Таа рече дека очекува да завршат со обвиненија поголем дел од веќе спроведените истраги на СЈО. За дел од нив, како што рече, ќе има запирање на истрагата и отфрлање на обвиненијата. Јанева испрати порака за продолжување на рокот за подигнување на обвиненија. Таа истакна дека мандатот на СЈО е четири години, со право на продолжување една година за обвинителите.

– Што се однесува на рокот за поднесување обвиненија, тоа е дискутабилно, се разговара на таа тема, се надевам дека ќе биде изнајдено решение во најбрз можен рок, а очекувајте дека и во наредниот период ќе отвораме истраги за други прислушувани разговори што имаат криминални материјали, рече Катица Јанева.

Јанева која одржа предавање пред учесниците на Охридската школа за природно право, изрази уверување дека судот ќе обрне доволно внимание на доказите на СЈО и ќе ги поддржи обвиненијата, со цел истите да најдат судска разрешница.

Јанева појасни дека од доставените прислушувани материјали, 12 проценти од нив се напишани,а некаде околу 45 отсто се преслушани. Таа најави дека останатиот дел, кој е речиси повеќе од половина допрва ќе бидат обработени.