Скандал: Глувонемо дете врзувано со јаже

Глувонемо дете е пронајдено врзано со јаже во една од институциите каде се вршела проверка, изјави денеска на прес – конференција Народниот правобранител, Иџет Мемети.

Тој истакна дека во институциите за лица со посебни потреби се сместуваат и лица од различни категории за кои нема обучен и соодветен персонал кој може да им даде соодветна нега и грижа согласно специфичноста на нивните потреби.

–  Центарот за социјални работи носи погрешни решенија, ја промашила институцијата. Наместо детето да биде сместено во Институт за лица со попречен вид и слух, тоа било сместено овде каде и било врзано со јаже, изјави Мемети.

Народниот правобранител додаде дека е поднесен приговор до Министерството за труд и социјална политика и дека  се надева на соодветно згрижување на детето.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека врз основ на информацијата од Народниот правобранител за глувото дете кое било врзувано со јаже, веднаш е темелна и  сепфатна постапка од страна на  социјалната инспекција.

– Во моментот детално се испитува постапувањето на вработените кои работеле на овој случај, во меснонадлежниот Центар за социјална работа, и во Заводот за заштита и рехабилитација „Бања Банско”, инспекцијата  сеопфатно ќе го испита и провери постапувањто на сите вклучени вработени и одговорни службени лица во институциите кои постапувале по овој случај, се со цел да се утврдат причините и одговoрните лица за ваквиот немил настан. Министерството за труд и социјална политика ќе ги превземе сите законски мерки и надлежности со цел да се утврди одговорноста за ваквиот случај при што секое несоодветно, непрофесионално, неетичко и спротивно на закон  постапување ќе биде соодветно санкционирано согласно закон, се вели во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.

Народниот правобранител презентирајќи го годишниот извештај на Националниот преветивен механизам за 2013 – та година потенцираше дека минатата година биле остварени 93 превентивни посети на места за лишување од слобода или места каде е ограничена слободата на движење. Покрај ова остварени се и 32 ненајавени дневни и ноќни посети, од кои 16 редовни и исто толку контролни и дека за истите се доставени посебни извештаи со препораки и укажувања.

Посетени биле 10 полициски станици, 7 затвори, еден воспитно – поправен дом, 3 гранични премини, 2 центри за странци и азиланти, 3 институции за лица со посебни потреби, 4 институции за згрижување на деца, Клиника за психијатрија и Царинска управа.

При посетите во некои од институциите биле констатирани лоши услови или одредени неправилности, испратена е препорака, а дел од институциите веќе ги имаат преземено потребните мерки.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.