Скандал и дисквалификација ги потресуват Оскарите

Речиси еден месец пред одржување на манифестацијата која со нетпрение ја очекуваат сите во светот на шоу бизнисот, но и љубителите на филмот, скандали и дисквалификации го тресат Холивуд и Американската филмска академија.

Според „Гардијан“  на 29 јануари беше одлучено да се дисквалификува песната Alone Yet Not Alone од понатамошно натпреварување за Оскар, откако е утврдено дека нејзиниот автор влијаел на останатите членови на Академијата во текот на изборот на номинирани песни.

Музичарот Брус Бротон, инаку поранешен гувернер на Американската филмска академија и член на сегашниот Управен одбор, ги прекршил строгите правила кои го утврдуваат изборот на номинирани за најпрестижната филмска награда, така што на членовите на Академијата праќал пораки со цел да го сврти вниманието на неговата композиција Alone Yet Not Alone.

„Без оглед на тоа колку добри биле нечии намери, користењето на својата позиција на поранешен гувернер и член на сегашниот Управен одбор со цел за промоција на својот предлог за Оскар, придонесе за создавање на слика на неправедно натпреварување “, се наведе во соопштението на претседателката на Академијата Шерил Бун Ајзакс, пренесе „Гардијан“

Бротон, чија песна Alone Yet Not Alone од истоимениот филм, била номинирана за Оскар за најдобра оригинална песна, рече дека е разочаран од одлуката на Академијата.

„Исклучен сум од натпреварувањето на кое претходеа месеци на промоција и реклами. Се што направив е тоа дека ги замолив луѓето да ја најдат песната и да ја земат предвид “, изјави Бротон.

Во трката за Оскар за најдобра песна сега преостанаа композициите Happy (Despicable Me 2), Let It Go (Frozen), The Moon Song (Her), Ordinary Love (Mandela: Long Walk to Freedom).Доделувањето на Оскар ќе се одржи на 2 март, а ќе ја води американската телевизиска ѕвезда Елен Деџенерис.