Македонија

Скандал: Македонски милионери секој месец земале социјална помош

Скандал: Македонски милионери секој месец земале социјална помош

Добивале по пет милиони денари преку брз трансфер на пари, а чекале во редот за социјална помош.  Меѓу лажните социјалци има и лица кои годишно преку брз трансфер на пари од странство добивале и по 80 000 евра годишно, објави телевизија Сител.

Податоците од НБРМ покажуваат дека преку брз трансфер на пари, помеѓу примателите на социјална помош има дури 24 милионери. Најголемата сума, односно 4.933.956 денари му биле испратени од странство на жител на Липково.

Помеѓу примателите на социјална помош минатата година имало 320 лица кои изминатата година добивале и над 300.000 денари од странство, а ниту еден од нив не ги пријавиле средствата во центрите за социјална помош.

Најголемиот број од лицата со милионски трансфери на пари од странство, дури 11 се од Липково, тројца од Шуто Оризари, двајца од Куманово, но имало и од Штип, Радовиш, Гостивар, Желино, Струмица, Дебар и Босилово.

Овие лажни социјалци во еден месец имале на располагање од 30.000 до 416.000 денари. Иако правилникот за добивање на социјална парична помош им наложува, ниту еден од нив не ги пријавил парите примени од странство.

Според правилникот на Министерството за труд и социјална помош максималната дозволена сума на пари која примателите на социјална помош може да ја добијат од странство во моментов е 50.000 денари на годишно ниво. Според измените кои се во тек, преку брз трансфер на пари, можат да добиваат до 70.000 денари. Ако примателот на социјална парична помош користел средства за набавка на медицинско помагало, истата сума со потврда за набавка нема да влезе во пресметките на социјалните центри.

Од Центрите за социјална помош најавуваат дека во иднина ќе се донесат решенија за престанок на правата на социјална помош и истите ќе мора да ги вратат паричните средства.