Скандал во Атина: Обид за поткуп на пратеник да гласа за Димас

Пратеникот на Независни Грција Павлос Хаикалис изјави дека поседува видео и аудио материјал во кој „многу позната личност во политичките и финансиските кругови“ му нуди поткуп за да гласа за претседателскиот кандидат на владејачката коалиција, Ставрос Димас, соопшти МИА.

Хаикалис за телевизијата „Антена“ изјави дека му биле понудени два до три милиони евра и додаде дека материјалот му го доставил на обвинител уште пред две недели.

Тој тврди дека му биле понудени 700 илјади евра во готово и подмирување на неговите банкарски кредити, како и договори со фирми за рекламирање. Тој исто така рече дека за ова го информирал и лидерот на партијата Панос Каменос. Каменос попладнево ќе одржи прес-конференција.

Портпаролот на Сириза Панос Скурлетис во меѓувреме побара обвинителот да ги информира политичките лидери за тврдењата на Хаикалис. Тој нагласи дека кога неговата партија соопшти дека има обиди за поткуп на пратеници за да гласаат за претседател на Грција, била обвинета дека „го труе политичкиот живот“ на земјата.

– Денеска се потврди дека постојат докази. Откривањето не се случува во неутреално време и обвинителството мора да ги информира лидерите на политичкитер партии затоа што случајот го засегнува изборниот процес, рече Скурлетис.

За портпаролката на Владата Софија Вултепси, обвинувањата на Хаикалис за обид за поткуп се „одвратна приказна“. Вултепси изјави дека „сите докази во врска со овој случлај мора веднаш да бидат објавени поради јавен интерес.

– Ако нема докази,правдата треба да преземе чекори против оние кои ја создадоа оваа одвратна приказна, истакна Виултепси.