Скандалот се шири: Штипскиот кафеанџија наплаќал за музика а и останал должен на музиката !?

Најчестото поставувано прашање во текот на вчерашниот ден во Штип беше…кој е ресторанот кој наплаќал за жива музика на гостите на денот на жената, без да ги информира гостите за тоа ? Откако на старплус и ТВ Стар беше објавена информацијата, голем број штипјани се прашуваат кое е името на угостителскиот објект кој вака несериозно се однесувал кон гостите, пренесува „старплус“ на ТВ Стар.

Според информациите на Старплус, секој гост требало да плати по 100 денари, што значи дека во зависност од групите гости, се наплаќало дополнителни 200, 400 или 800 денари. На споменатиот датум 8/9 март во овој ресторант имало меѓу 40 и 45 гости, што значи за исплата на музиката биле собрани 4-4500 денари. Но, според сознанијата, сопственикот не ја исплатил целата сума на музичарите кои на блиски пријатели и познајници се пожалиле дека не ги добиле сите пари. Имено за свирката требало да добијат околу 6000 денари а сопственикот не собрал толку пари. Дали дополнително им се исплатени и другите средства на музичарите, засега нема потврда, пренесува „старплус“.

Ова е прв пат, во некој штипски ресторант да се наплаќа за жива свирка на овој начин а згора на се, дополнителната сума за исплата да се пишува на фискалната сметка. Голем дел од угостителите со право реагираат дека им се валка образот и дека со необјавувањето на името на кафеанџијата им се нанесува штета. Но, можно е и тоа да се случи откако и законските органи покажале интерес за случајот а неколку различни гости кои се раправале со келнерите, за ваквиот пех се пожалиле во УЈП, во трудовата инспекција па и на новинарите. Фискалните сметки кои кружат на интернет и на социјалните мрежи кои се објавени од повеќе граѓани, се клучниот доказ во случајот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.