Шкендија не реализираше два пеналa во реваншот со Розенборг

Тетовска Шкендија и третпат последователно не успеа да се пласира во групите во Лига Европа, откако во четвртокот вечера во реваншот против Розенборг во Скопје не реализираше два удара од белата точка, што искусните гости го искористија да постигнат уште една победа (2:0) над македонскиот првак.

Фудбалерите на Шкендија имаа повеќе посед на топката, поврзана игра, повеќе шанси, но немаа среќа да го остварат најголемиот успех во клупскат историја.

Бесарт Ибраими го изнуди првиот пенал во 20 минута и се реши да го изведе и покрај непишаното правило играчот врз кој е направена најстрогата казна да не го изведува ударот од белата точка. Презеде одговорност, но Андре Хансен ја прочита избраната страна и спречи водство на „црвено-црните“.

Напаѓачот на Шкендија се избори и за втор казнен удар во 49 минута, но топката ја препушти на Изаир Емини, кој исто така, не успеа да го совлада гостинскиот голман.

Казната ги стигна тетовци во последните половина час. Евен Ховланд погоди во 67 минута за водство на Розенборг со 1:0, а конечниот резултат го постави Торе Региниусен во 84 минута. Така, Розенберг се квалификуваше за второто по квалитет континентално натпреварување со вкупни 5:1, откако пред една седмица на свој терен ги совлада тетовци со 3:1.