Шкендија со 6:1 ја демолираша Ренова

Екипата на Шкендија во саботата забележа убедлива победа над Ренова со 6:1 во првиот натпревар од 17-то коло на Првата македонска фудбалска лига.

Иако се очекуваше голема битка на теренот затоа што стануваше збор за локално „тетовско дерби“,сепак, тимот на Шкендија потврди дека во овокј момент е далеку поквалитетен противник од Ренова.

Уште во третата минута серијата голови ја отвори Бесарт Ибраими кој беше стрелец и на третиот гол на тетовските „црно-црвен“ во 33 минута, откако Ферхан Хасани во 25-тата минута реализира пенал. Во вториот дел во 47 минута домаќините намалија преку Ненад Мишковски. Во продолжението од средбата фудбалерите на Шкендија постигнаа уште три гола и тоа преку Стенио Жуниор во 48, Шефит Шефити во 81 и повторно Хасани во 89 минута.

Со оваа победа и освоените три бода, извесно е дека Шкендија есенскиот дел од полусезоната ќе го заврши на првото место на табелата.

Во недела од 13 часот ќе се играат три натпревара. Во Битола Пелистер го пречекува Шкупи, во Кратово екипата на Силекс е домаќин на Работнички, а во дуелот на двете последнопласирани екипи ќе играат Скопје и Победа.

Последниот меч од 17-то коло меѓу Вардар и Академија Пандев ќе се игра на 10-т декември.

Табела: Шкендија 43 бода (17 одиграни натпревари), Вардар 29 (14), Академија Пандев 25 (15), Силекс 25 (16), Работнички 20 (15), Шкупи 19 (16), Ренова 17 (17), Пелистер 15 (16), Победа 15 (16), Скопје 9 (16).