СКМ на Самитот за Западен Балкан во Виена

Стопанската комора на Македонија – СКМ на Самитот за Западен Балкан во Виена.

Во рамките денешниот Самит во Виена, што се одржува како продолжение на берлинскиот процес за приближување на земјите од Западен балкан кон ЕУ на кој присуствуваат германската канцеларка Ангела Меркел со претседателите на Владите од Земјите од Западен Балкан, се одржуваат сет работни состаноци на претседателите на стопанските комори од регионот на Западен Балкан, чиј домаќин е Австриската сојузна стопанска комора.

Стопанската комора на Македонија во Виена учествува на сите коморски настани и е предводена од претседателот на Комората, Бранко Азески со потпретседателите м-р Јелисавета Георгиева, д-р Глигор Бишев и д-р Кочо Анѓушев. Претседателот Азески ќе има свое излагање на тема „Регионално поврзување и учество во регионални проекти и финансирање на приоритетите на земјите од Западен Балкан“. На оваа тема, стопанските комори од Западен Балкан изминатиот период интензивно работеа во насока на креирање на ланец на вредности на регионално ниво, преточен во конкретни регионални проекти за економска соработка, со што ќе се овозможи ефикасно вклучување на деловните заедници на земјите од регионот во реализација на тековните и идните инфраструктурни и други проекти од значење за економскиот раст во земјите од Западен Балкан. Токму во таа насока, денес во Виена стопанските комори од Западен Балкан (Унијата на стопански комори на Албанија, Надворешно-трговската комора на БиХ, Стопанската комора на Србија, Стопанската комора на Косово, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Хрватска и Стопанската комора на Словенија) ќе потпишат договор за основање на Коморски инвестициски форум, информираат од СКМ.

Од Стопанската комора информираат дека потпретседателот на Стопанската комора на Македонија и претседател на УО на Шпаркасе банка Македонија, д-р Глигор Бишев, ќе има свое излагање во делот на претставување на најдобрите автстриски инвестиции во земјите од Западен балкан, со посебен акцент на придобивките на Република Македонија за инвестирање и успешната приказна на Шпаркасе банка Македонија.

Одбележување 10 години од Енергетската заедница

Во рамки на денешната агенда на активности е и организираниот настан на тема тема “Fixing the Energy Sector” – соработката која ја остваруваат земјите од Западниот Балкан во енергетскиот сектор, како и одбележувањето на 10 годишниот јубилеј од Енергетската заедница (Energy Union), на кој ќе присуствуваат д-р Кочо Анѓушев, потпретседател на Комората и претседател на Македонската Енергетска Асоцијација и г-дин Гунтер Брамбук, заменик претседател за регулаторни прашања на групацијата ЕВН, информира СКМ.

На регионалната коморска средба, покрај Федералната Австриска стопанска комора, како домаќин на настанот, ќе учествуваат и стопанските комори од Италија, Франција и Германија. На средбата се предвидува да се обрати и комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ Јоханес Хан.

Денешниот настан ќе заврши со прослава на 60 годишнината од делување на Унијата на трговско индустриски комори на Германија-ДИХК во Виена.