Скок од 13 места на листата на ФИФА за Македонија

Македонската фудбалска репрезентација направи скок од 13 места на најновата ФИФА рејтинг листа објавена денеска.

„Црвено-жолтите“ повторно се во првата „стотка“, со 340 бода се наоѓаат на 99. место.

Македонија овој месец одигра два натпревара и постигна една победа против Луксембург во Скопје и загуби во Л’вов од Украина.

Од репрезентациите кои се во нашата квалификациска група за ЕУРО 2016, најдобро рангирана е Шпанија – 10.место, Украина е 19.та, Словачка се наоѓа на 24.позиција, Белорусија е на 106.место, а Луксембург на 126. позиција.

Во ТОП 10 покрај шпанската селекција, од првото до деветтото место се наоѓаат: Германија, Аргентина, Колумбија, Белгија, Холандија, Бразил, Франција, Уругвај и Португалија.

ФИФА следното рангирање ќе го направи на 27 ноември.