Сколари незадоволен и покрај убедливата победа

Како и што се очекуваше, пријателскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Бразил и Панама, заврши со убедлив триумф на домаќинот на престојниот Мундијал од 4:0.

Популарните „кариоки” дојдоа во водство со погодокот на Неимар, а до крајот од натпреварот, во листата на стрелци се запишаа и Дани Алвеш, Хулк и Вилиан.

„Се уште сум загриже поради играта на мојот тим, но не сум толку загрижен колку што бев во неделата. Не му дозволиве на противникот да организира ниту еден контранапад. Тоа ми се допадна, тоа го очекував од моите фудбалери. Бразил има доволно квалитетен тим, тим кој може да постигне еден или повеќе погодоци на секој натпревар, без разлика на противникот. Ако ги запреме сите контранапади, тогаш Бразил сигурно ќе забележи убедлив триумф. Има напредок во нашата игра, но далеку сме од посакуваното ниво, од посакуваниот ритам”, изјави селекторот на Бразил, Луис Филипе Сколари.

Сигурна победа од 2:0, но во пријателскиот дуел против селекцијата на Перу, забележа репрезентацијата на Швајцарија, а без погодоци заврши дуелот помеѓу репрезентациите на Нигерија и Грција.

Репрезентативците на БиХ забележаа минимална победа од 1:0 во пријателскиот дуел против селекцијата на Мексико.