Скопјанец фатен при шверц на хероин во вредност од 200.000 евра

Скопјанецот  Е.Р.(58) се обидел да прошверцува хероин, во вредност од 200.000, за што добил кривична пријава и притвор во траење од 30 дена.

Како што соопшти МВР, на 27 август,  на граничниот премин „Богородица“ при обид за влез на територијата на Република Македонија од Република Грција, се пријавил Е.Р. со патничко моторно возило марка „мерцедес мл“ со скопски регистарски ознаки. Од страна на полициските службеници од Полициската станица за Граничен надзор и Гранична контрола „Богородица“ и царинските службеници од ГП „Богородица“, при зајакната контрола на државната граница било селектирано возилото за да биде извршен царински и полициски преглед и претрес.

Од извршениот претрес во возилото од страна на царинските службеници, под менувачот пронајден е специјално направен бункер во редукторот за задните погонски тркала на возилото. При извршениот детален претрес на возилото биле пронајдени: 12 полиетиленски пакувања со непозната прашкаста материја на кои било испишано со црн и плав фломастер буквата “В“, едно искинато полиетиленско пакување со непозната прашкаста материја собрана од внатрешноста на редукторот, метална плочка, дел од менувач со остатоци од прашкастата материја, исечен дел од лименка со остатоци од прашкаста материја, празно полиетиленско ќе се со остатоци од  прашкаста материја, како и хартиена кеса од правосмукалка со остатоци од прашкаста материја, информираат од полицијата.

По извршеното вештачење на предметниот материјал, утврдено е дека прашкестата материја од предметните 12 политенски пакувања претставува опојна дрога хероин со вкупно нето маса од 2.789,5 грама хероин чија што вредност на мало е проценета на над 200.000 евра.