Скопјанец изработувал и употребувал лажни платежни картички

Кривична пријава е поднесена против А.К. од Скопје поради постоење сомнение дека сторил кривично дело „изработка и употреба на лажна платежна картичка“ и кривично дело „лажно претставување“.

Пријавениот со намера да се стекне со противправна имотна корист, во периодот од јануари до мај годинава прибавил банкарски податоци од вистински платежни картички, односно од носителите на странски платежни картички, со кои извршил повеќе успешни и неуспешни нелегални трансакции на македонски интернет продажни места, при што купил мобилни телефони Самсунг СМ-Г900Ф Галакси С5, ЛТЕ Блек Колор, ХТЦ Десире 500 бела боја, ЛГ Г3 С Д7 црна боја, Самсунг Галакси С4 ГТ-И9506, Смартфон Самсунг С5 Мини СМ-Г800 блак.

На овој начин, А.К. извршил девет успешни нелегални трансакции со четири фалсификувани платежни картички во вкупен износ од 104.439 денари и 13 неуспешни нелегални трансакции со четири различни фалсификувани платежни картички во вкупен износ од 177.480 денари и 1.940 американски долари. Исто така, пријавениот А.К. со намера да се стекне со противправна имотна корист на 6 февруари годинава, телефонски се јавил на сопственикот на едно од продажните места и се претставил како вработен во МВР на РМ, односно како „инспектор Тодоров” кој раководел со акцијата и бил задолжен за испорака на телефонот марка „Самсунг С5”, црна боја, и рекол дека потребно е да се врати телефонот на фирмата за брза испорака и да се достави до лицето бидејќи работеле на случајот.

Во врска со сето ова Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика има добиено повеќе пријави и тоа од Уни банка АД Скопје, НЛБ Тутунска банка, како и пријава од Американска амбасада за злоупотреба на платежни картички на нивни државјани во повеќе македонски интернет продажни места.

А.К. при вршење на нелегалните трансакции односно при нарачките на производите на интернет се претставувал во име на две лице, а производите барал да му бидат доставени во една од продавниците на пластичарската улица.

Постапувајќи по пријавите преземени се оперативни проверки, а по претходно издадена судска наредба извршен е и претрес во домот на А.К. каде се пронајдени и одземени повеќе фактури за нарачувани производи од повеќе продажни места, лап топ компјутер, сим картички, повеќе мобилни телефони и усб стикови. Исто така, меѓу пронајдените производи има и телефонски апарат на кој се користени сите три спорни мобилни броеви кои се користени при извршување на нелегалните трансакции, како и бројот од кој лажно се претставувал како полициски инспектор.