ВИДЕО: Скопјанец одгледувал речиси 2.000 стебла марихуана во Кратовско

Кривична пријава е поднесена против П.М.(43) од Скопје. Полицијата го товари дека сторил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.

Како што информира МВР; пријавениот наводно заради изработка на магистерски труд на Замјоделски факултет Скопје доставил повеќе барања до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кои се однесувале за впишување во регистерот за семе и саден материјал на коноп од сортата „Хелена“- Cannabis Sativa L (добиена од сорта на индустриско растение запишано во национална сортна листа „Новосадско Конопље“) како и согласност за отпочнување на проект и дозвола за произвотство на коноп.

Од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на сега пријавениот му се доставени одговори дека треба да биде запишан во регистерот на снабдувачи на семенски материјали, како и дека сортата „Хелена“ да биде запишана во Национална сортна листа и дека Министерството нема надлежност за давање согласност за користење на увезено семе за лична употреба.

Известување и барање за дозвола за отпочнување на производство на коноп доставил и до Министерство за здравство за кое добил одговор дека во Република Македонија, како членка на Обединетите нации, е забрането производството на  Канабис во сите форми и вариетети.

Покрај известувањата кои ги добил од двете министерства пријавениот во текот на 2016 година, од Нови Сад, Р.Србија набавил 2 килограми семенски материјал Канабис. Дел од семенскиот материјал го засадил и одгледувал на земјиште лоцирано во местото викано „Врбица“ село Железница, кратовско каде неовластено произведувал вкупно 1.897 растенија додека останатиот семенски материјал од растителен род Канабис со нето маса од 1.980,6 грама го чувал заради понатамошно дополнително производство.

Во текот на вчерашниот ден (26.06) по претходно обезбедена наредба за претрес од страна на СВР Куманово, во содејство со полициски службеници од Одделот за криминалистичко тешнички испитувања и вештачења при МВР, извршен е претрес на објект и на нива на погоренаведената локација, при што П.М. ги покажал парцелите каде има насадено канабис и тоа на парцела означена со „Х1“ биле пронајдени 791 насад со висина од 5 см до 60 см,  на парцела со ознака „Х2“ биле пронајдени 780 насади повторно со иста висина од 5 см до 60 см, како и пластично црево за наводнување. На последната парцела биле пронајдени уште 14 насади. Освен на предметните парцели при претрес во помошне објект (штала) биле пронајдени уште 312 растенија.

По одземањето на насадите и растенијата со потврда за привремено одземени предмети било извршено вештачење при што е констатирано дека насадите во вкупен број од 1.897 се млади растенија кои припаѓаат на растителниот род Канабис Сатива и содржат психоактивни супстанции забранети за производство и промет во Република Македонија. Истото е констатирано и за семенскиот материјал во вкупна тежина од 1980,6 грама.