Скопјанецот кој го напушти градот и живее во тркалезна куќа во Побожје

Среде асфалтот може да не бидеш сам, ама да бидеш осамен. Во природа, можеш да бидеш сам, но не и да бидеш осамен.Скопјанецот Илија Ѓорѓевиќ не е осамен човек. Живее со своите животни во селото Побожје. Неговиот дом ќе го забележите уште при првото влегување во селото. Куќата му е тркалезна, во облик на печурка и се издвојува од другите, пишува Мкд.мк.

Тој е дипломиран информатичар и математичар и работел во фирма за компјутери. Одеднаш еден ден, целиот свет му се променил. Решил да ја напушти бетонската џунгла, да се откаже од сè што е урбано, и се преселил среде милостивата природа.

„Смртта на мојата девојка ме промени сосема. Постоењето ми изгуби секаква смисла. Не можам да се преправам дека ништо не се случило. Трагедијата го менува човекот, па сè што останува, сета смисла, е повторно да бидеш во контакт со себе. Ми се јави чувство дека морам повторно да се вратам на вистинскиот пат. Сега повторно си ја враќам душата. Онаа душа што сите ја губиме во градот. Во природата канцеларија ви се небото и ливадите. Сакам да ги тргнам сите негативни придобивки на цивилизацијата, на она на што нè воспитала бетонската џунгла. Планирам вака да живеам до крајот на животот“, раскажува Илија.

2

Својата интересна куќа ја изградил со мака. Отпрвин никој не се нафаќал да ја направи. Поради формата.

„Пред пет години ја почнав куќата. Решив да направам нешто што ќе остане. Првин ископав кружен подрум со дијаметар десет метри, поврзан под земја со гаражата. Имам направено 120 квадрати под земја. Замислував куќата да биде како дел од природата. Има симболика во кругот, тоа е многу честа фигура во природата. Предизвик ми беше да направам геометриски облик на печурка. Зашто печурката не е ниту животно, ниту растение, туку нешто помеѓу. Сакав куќата да биде своевидна скулптура на печурка. Седнав еден ден и ја нацртав на компјутер. Имав тешкотии додека да ја направам. Никој не се нафаќаше да ми ја гради. Немаа искуство зашто формата не е типична, а со тоа и е економски поскапа. При градењето многу ми помогнаа и соседите, за помош доаѓаа дури и од соседните села“, зборува Илија.

Не е можно да седите во неговиот двор, а душата да не ви биде преполна. Не се гледаат секој ден животи што се милуваат. Се познава дека се научени на љубов од раѓање. „Лани купив шест кози, се размножуваа и сега се 26. Зедов и 600 пилиња, само еден ден откако се родија. Сега имам околу 500 кокошки. Јастребите многу ми ги ловат. Досега ми собраа околу 50 кокошки, па затоа патролирам околу нив. Меѓутоа, никогаш нема да ги ставам во кафези. Цената што се слободни ја плаќаат со сопствената глава. Ама токму поради тоа продуктите им се посебни. Кокошките во кафези несат многу повеќе јајца, моите несат помалку, ама сакам да бидат среќни. Сакам да бидат слободни“, зборува Илија.

Неговите здрави продукти луѓето му ги нарачуваат преку Фејсбук. Еден ден во неделата Илија оди до градот и ги транспортира нарачките. Вели, најмногу му нарачуваат мајки што имаат мали деца.