Скопјани денеска ќе протестираат против загадувањето на воздухот

Денес во 17 часот крај фонтаната во градскиот парк, скопјани излегуваат на протест против загадувањето во градот.

Организаторите бараат да се воведат повеќе мерки за намалување на загадувањето, меѓу кои пар-непар за моторните возила, бесплатен градски превоз, бесплатна набавка на маски, бесплатен огрев за граѓаните што се греат на гуми и формирање кризен штаб.

„Загадувањето на воздухот е најголемо досега. Дури и до 20 пати над нормалата. Болестите и смртноста поради загадениот воздух драстично се зголемуваат. Најмногу страдаат децата, кои секојдневно се движат одејќи на училиште или во градинка, но и сите граѓани што живеат и работат во Скопје. А локалните и централните власти не преземаат ништо. Демонстрираат тотална негрижа за здравјето и животот на населението”, велат организаторите во најавата за протестот на Фејсбук.

Организатори на протестот се граѓани и екоактивисти и не е поддржани од ниту една политичка партија. Ова е листата со барања што ќе ја пренесат учесниците на протестот:

1. Воведување пар-непар за моторните возила.

2. Забрана за движење на возила кои се без катализатори за издувни гасови.

3. Бесплатен градски превоз цела зима.

4. Итна набавка и бесплатна поделба на маски со потребни стандарди за заштита (со потребни димензии) за целото население (и за деца) на Скопје.

5. Излегување на терен на зголемен број инспекциски тела за контрола на начинот на греење на граѓаните.

6. Обезбедување бесплатен огрев за граѓаните што се греат на гуми и на други штетни материи.

7. Ненајавени контроли на оџаците на индустриските капацитети кои (се сомневаме дека) загадуваат.

8. Привремена забрана за работа на сите индустриските капацитети кои (се сомневаме дека) загадуваат.

9. Да се формира кризен штаб во Центарот за управување со кризи кој ќе ја следи состојбата и ќе предлага и презема итни мерки против загаденоста на воздухот.

10. Запирање на сите градежни работи во Скопје.

11. Почесто и потемелно чистење на улиците од улична прашина.

12. Полициска контрола на возила што носат нечистотија на гумите, особено такви што излегуваат од градилишта.

13. Контрола дали се спроведуваат обврските за чистење на јавните површини околу градилиштата, од оние чија обврска е да го прават тоа.

14. Да се набават и бесплатно да се делат велосипеди.

15. Новиот парламент да донесе закон за забрана за уништување каква било вегетација. Кој ќе исече дрво или ќе уништи парк, да добие затворска казна од 10 години.

16. Новиот парламент да донесе законска регулатива според која доколку загадувањето ја надмине пропишаната нормала, веднаш да МОРА да се преземаат мерки.

17. Стопирање на сите непотребни трошења за луксуз (панорамско тркало, боемски улици, стиропорни фасади….) и пренамена на парите за заштита на населението, лекување на болните поради загадувањето и мерки за подобрување на состојбата и решавање на жариштата за загадување (Линданот во ОХИС, насобраниот отпад во кругот на велешка топилница и други слични потенцијални еколошки бомби).

Учесниците на протестот ќе се упатат до просториите на Град Скопје каде што ќе побараат прием од градоначалникот за да му ги врачат барањата.
Протестот ќе заврши пред Владата на РМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.